Во Прилеп започнува Пивофест 2022
Со настапот на Елена Петреска, вечерва во Прилеп, по две годишна пауза, започнува фестивалот на пивото, скарата и добрата музика „Пиво Фест 2022“.
Градот домаќин е веќе подготвен да ги пречека гостите, кои според најавите од хотелиерите и угостителите, ќе ги има, не само од земјава, туку и од регионот, а се очекуваат 100-ци илјади гости, за време на четирите фестивалски денови. Организаторите од продукцијата АРТ 10, велат дека штандовите се веќе подготвени да ги пречекаат првите гости. Ќе се точат над 30-тина видови пиво и ќе се дегустира вкусната прилепска скара.
Учесниците кои ќе бидат дел од првата фестивалска вечер, веќе од утрово пристигнуваат во Прилеп. Фестивалот стартува во 18:00 часот. По настапот на Елена Петреска, настапуваат групата Балканика од 18:45, потоа следуваат настапите на Нино Величковски во 19:30 часот, Ален Хасановиќ 20:15 часот, Наум Петрески во 21:00 часот, групата Љубојна во 22:00 часот, ДНК во 23:00 часот и забавата од првата фестивалска вечер ќе кулминира со настапот на Џамбо Агушеви Оркестра, точно на полноќ. Веднаш потоа забавата продолжува и на алтернативната сценасо DJ Mario Eddie.
Водители на фестивалот ќе бидат Игор Џамбазов и Маријана Станојковска.
За посетителите, обезбедени се над 12.000 паркинг места. Јавниот ред и мир , чистотата, хигиената на градот , водоснабдувањето, благодарение на работењето на ЈКП „Комуналец“ , ќе бидат на беспрекорно ниво – велат организаторите.
Од ЈКП „Комуналец“ велат дека со врвна чистота, Прилеп е подготвен да ги прими многубројните посетители на „Пивофест2022’’. Од таму најавуваат дека со чисти тревници, улици, тротоари и плоштади, и организирани мобилни екипи ќе се справуваат со сиот создаден отпад за време на одржувањето на четирите фестивалски вечери.
–Праксата изминативе години покажа дека ЈКП„ Комуналец’’- Прилеп,може и знае да се носи со одржувањето на хигиената пред, за време и по одржувањето на фестивалот, кога по сиот создаден хаос, градот се доведува во првобитната состојба како и ништо да не се случувало. Така ќе биде и годинава. Директорот Рубинчо Абрашоски, најавува дека дневното одржување ќе биде како и во секој обичен ден, но по полноќ, по завршувањето на сценските настапи, комуналните работници веднаш ќе започнуваат со работа, со цел до 8 часот утрото да се постигне врвна чистота и хигиена во градов – велат од ЈКП „Комуналец“.
извор: novamakedonija.com.mk